ЗОШТО ДОАЃА ДО ПОЈАВА НА ВЕТЕР
Кога во две соседни области воздушниот притисок е различен, во едната повисок, а во другата понизок, тогаш ќе настане хоризонтално движење на воздухот. На тој начин настанува ветрот. Воздушните маси секогаш се движат од области со висок кон области со низок воздушен притисок. Дали ветерот ќе биде посилен или послаб, зависи од тоа колкава е разликата во притисокот. Колку разликата ќе биде поголема, толку и ветерот ќе биде посилен. Силата на ветерот е, всушност, брзината со која се движи воздухот. Таа може да биде сосема различна. Сосема слабиот ветер се вика ветрец, а многу силниот ветер се вика оркан.
БРЗИНА И ПРАВЕЦ НА ВЕТЕРОТ
Сите ветрови што се со брзина поголема над 100km/h се викаат оркански ветрови. Овие ветрови често претставуваат елементарни непогоди, бидејќи корнат дрвја, однесуваат покриви од куќи, уриваат куќи во населените места каде ќе се појават и создаваат високи морски бранови во морињата. Правецот на ветерот се определува според страната на светот од каде доаѓа ветерот. Кога доаѓа од север, тогаш велиме дека тоа е северен ветер или ако е од исток дека е источен ветер. Направата со која се определува правецот на ветерот се вика ветроказ. Ветроказите најчесто се поставуваат на отворени ридести места или во метеролошките станици заедно со други мерни инструменти.
ВИДОВИ ВЕТРОВИ
Во зависност од времетраењето и просторот кај се појавуваат, ветровите се поделени во три групи: постојани, периодични и локални. Постојаните или планетарни ветрови константно дуваат преку целата година на одреден простор и со одреден правец на движење. Најпознати вакви ветрови се: пасатите, западните и поларните ветрови. Пасатите се јавуваат во пределите меѓу екваторот и двата повратника. Во пределите околу екваторот воздухот е постојано топол и поради тоа тој се крева нагоре, а на негово место доаѓа постуден воздух од просторот кај повратниците. Поради земјината ротација тие пасти што доаѓат од север малку скршнуваат на десно, а тие од југ на лево.
Периодичните ветрови можат да бидат сезонски или дневни. Во текот на пола година или половина од едноденоќие дуваат во еден правец, но во другата половина од годината или денот дуваат во обратен правец.
Монсунските ветрови во Јужна и Југоисточна Азија, преку лето дуваат како летни монсуни од морето кон копното и носат обилни врнежи на дожд, додека во зима дуваат како зимски суви монсуни, обратно од копното кон морето.
Полудневни ветрови се: дневниот и ноќниот ветер, долинскиот и горскот или планинскиот ветер. Дневниот и ноќниот ветер настануваат поради нееднаквото загревање на копното и морето во текот на денот и ноќта. Преку ден копното побрзо се загрева, поради што воздушните маси се движат од море кон копното и се јавува дневниот ветер, преку ноќ е обратно движењето на воздухот и се јавува ноќниот ветер. Преку ден во лето поради високи температури во долините воздухот се искачува и се јавува долинскиот ветер. Во ноќните часови од планините се спушта ладен воздух и се јавува горскиот ветер.
Локалните или месни ветрови се појавуваат само во одредени области. Такви ветрови се: бура кај Јадранското Приморје, кошава во Војводина, торнадо во јужните делови на Северна Америка, вардарец по долината на реката Вардар и др.
За тие што сакаат да знаат повеќе, видеа од торнада снимени од блиску:
Comments