ШТО Е АТМОСФЕРА И КАДЕ СЕ ПРОСТИРА
На почетокот на учебната година дозна дека атмосферата е гасовита воздушна обвивка над површината на Земјата. Нејзината горна граница сé уште не е точно определена. Со зголемување на висината, воздухот станува сé поредок. Уште на 16-от km во височина тој е толку редок што пилотите на војните авиони кои летаат и повисоко, мораат да користат маски и додатен кислород. Тешко може да се одреди крајот на атмосферата и каде почнува меѓупланетарниот простор. Едни научници тврдат дека границата е на 350 km, други меѓу 800 и 1.200 km, трети пак дека е дури на височина од 3.000 km над површината на Земјата.
СОСТАВ НА АТМОСФЕРАТА
Во составот на атмосферата, односно во воздухот преовладуваат гасовите: азот со 78%, кислород со 21% и од другите ретки гасови најмногу има аргон со 0.90%, озон, хелиум, неон, водород, јагленороден диоксид и др. Покрај постојните гасови во атмосферата има водена пара и ситни честички на прав чие количество е многу променливо.
ПОДЕЛБА НА АТМОСФЕРАТА НА СФЕРИ
Воздушната обвивка или атмосферата во зависност од густината, составот, температурите и дебелината е поделена на четири слоја или сфери: тропосфера, стратосфера, јоносфера и егзосфера. Тропосферата е најнискиот слој над површината на Земјата до височина од 18 km. Во овој слој се случуваат сите атмосферски појави и процеси. Поволни услови за живот има само тука. Стратосферата е составена од редок воздух и се простира до височина од 40 km. Во нејзиниот средишен дел има слој на озон, и оваа сфера уште се нарекува озоносфера. Јоносферата и егзосферата се нарекуваат сфери на разредени гасови и се простираат до височина од 1.000 km.
ЗНАЧЕЊЕТО НА АТМОСФЕРАТА ЗА ЖИВОТОТ НА ЗЕМЈАТА
Поради ваквата атмосфера има живот на Земјата и значењето на атмосферата е многу големо. Луѓето и животините го вдишуваат кислородот, а азотот е многу важна состојка на многу органски материи, посебно за белковините кои се потребни во животот. Растенијата го користат јаглеродниот диоксид како храна. Озонот кој се јавува после врнежи на дожд, го збогатува воздухот со кислород.
За тие што сакаат да знаат повеќе
Домашна задача
1. Што е тоа атмосфера?
2. До каде се простира горната граница на атмосферата?
3. На колку сфери е поделена атмосферата?
4. Како се нарекува најнискиот слој од атмосферата?
5. Каде има живот во атмосферата?
6. Во кој слој од атмосферата има концентрација на озон?
Comments